Грција против Демократска Република Македонија

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту да го прифати, ниту да го одбија предлогот, без за тоа да се изјасни народот на референдум, велат извори блиски до Кабинетот на Груевски.


Има нов предлог за името, кој е компромисен, праведен и достоинствен и за двете земји, но јавноста нема да го дознае се додека за него не се произнесат владите во Македонија и Грција. Ова е исходот од вчерашната средба во Атина на медијаторот Метју Нимиц со посредниците Димитов и Василакис.

Нимиц по средбата информираше дека во зависност од тоа кога ќе се изјаснат владите за предлогот, тогаш ќе се одржи и наредната средба. Според него, тоа може да биде и за неколку дена и за неколку недели.

- Има желба за решавање на спорот и кај двете страни. Што побрзо тој биде решен, тоа подобро. Моментот за решавање на спорот е дојден. Направив компромисен предлог за двете страни, кој е праведен и достоинствен, макар што не одговара 100 отсто на желбите на која и да е од страните. Се надевам дека предлогот ќе биде основа за надминување на спорот, иако знам дека некои кругови и во двете земји ќе го примат тешко - изјави Нимиц по средбата која почна во 15 часот и траеше само половина час, пренесе он-лајн изданието на грчкиот весник Нефтамборикии.

Според нашите извори, Нимиц го дал предлогот што ВЕЧЕР го објави минатата недела: земјава во меѓународните организации и во билатералните односи со Грција да се именува како Демократска Република Македонија, без да го менува уставното име. Платформата на која се базира предлогот, објавена есента, предвидува Македонија, освен за внатрешна употреба, да може понатаму да го користи уставното име и во билатералните односи со трети земји кои ја признаваат како Република Македонија.

Според првичните информации, македонскиот државен врв уште синоќа требаше да се состане за темелно да го разгледа последниот предлог на Нимиц. По таквата средба во саботата, извори блиски до Кабинетот на премиерот Никола Груевски, како што веќе објавивме, тврдеа дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту да го прифати, ниту да го одбија предлогот, без за тоа да се изјасни народот на референдум. За разлика од Груевски, претседателот Црвенковски бил подготвен предлогот веднаш да се прифати со одлука на државниот врв, која потоа само би била ратификува во Собранието со консензус од сите парламентарни партии.

Позитивни сигнали за "тајниот" предлог вчера дојдоа од грчката влада. Според информациите од Атина, домаќинот на средбата, шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани, во поздравното обраќање до преговарачите и до медијаторот рекла дека Грција е подготвена да прифати сложено име во кое ќе стои и името Македонија, но кое ќе прави јасна дистинкција од грчката провинција Македонијаа. Претходно таа имаше средба со нејзиниот претпоставен, премиерот Костас Караманлис. На неа не била разгледувана досега секојдневно повторуваната закана за вето на поканата за членство на земјава во НАТО.

- Ние сме среде преговори. Ќе видиме. Верувам дека сериозноста и одговорноста налагаат за тие работи да дискутираме во компетентните тела и ќе излеземе со изјава кога ќе бидеме подготвени - изјави Бакојани, пренесе агенцијата АНА-МПА.

Вчерашната средба на преговорачката тројка се одржа само неколку дена по минатонеделните разговори во Вашингтон на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција со државниот секретар на САД Кондолиза Рајс, која побара од двете страни да покажат конструктивност и да го искористат процесот што го води Нимиц за конечно затворање на прашањето. Според информациите, предлогот на Нимиц е спонзориран токму од САД.

Одлуката за НАТО за две недели
Доколку наредните десетина дена не се реши спорот со името, генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер ќе биде последниот кој ќе се обиде да ја разубеди Грција да не става вето на поканата за Македонија на Самитот во Букурешт.

Тој патува за Атина на 3 март, само три дена пред состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки во Брисел, на кој треба да биде донесена одлуката за испраќање покани за чЛентво до земјите од Јадранската група.

Само прашањето за името е ризик
За Македонија во моментов постои само еден ризик за да не добие покана во НАТО, а тоа е прашањето за името, изјави вчера премиерот Никола Груевски, за време на еднодневната официјална посета на Албанија.

- Во моментов постои само еден ризик, а тоа е прашањето што Грција го наметна со нашето уставно име, на кое интензивно работиме и за кое верувам дека сите се свесни дека доколку Грција го употреби своето право на вето, ќе биде од голема штета не само за Македонија, туку и за регионот и за самата НАТО-алијанса, рече Груевски, на заедничката прес-конференција со неговиот албански колега Сали Бериша. Тој се уште верува дека Грција ќе најде сили да го надмине овој проблем, со што нема да се доведат во прашање интересите на НАТО-алијансата.
Македонија ги исполнува сите услови да добие покана за членство во НАТО на претстојниот Самит во Букурешт, потврдил Брус Џексон, претседател на Проектот за демократии во транзиција, на вчерашната средба со претседателот Бранко Црвенковски, соопштија од Кабинетот на шефот на државата. Тој присуствуваше на дводневната НАТО конференција во Скопје, на која учесниците од четириесетина земји го поддржаа приемот на земјите од Јадранската група во Алијансата.

- Унгарија не прифаќа нови, дополнителни услови за Македонија да добие покана за влез во НАТО на самитот во Букурешт. Ако добиете покана, унгарскиот парламент веднаш ќе ја ратификува истата, изјави Золтан Немед, претседател на Комисијата за надворешни работи на унгарскиот парламент, на завршниот ден на Конференцијата "НАТО Букурешт и потоа". И претставниците на Холандија и на Полска рекоа дека нивните земји им даваат максимална поддршка на Македонија, Хрватска и Албанија и се заложија ратификациите на поканите за членство во НАТО да се извршат во нивните парламенти, веднаш по Самитот во Букурешт.

20.02.2008